Викендов ќе се одржи Фестивалот „Пеце Атанасовски“
Викендов на Рудина, Долнени ќе одекнат гајдите, зурлите, тапаните, кавалите. По 51. пат ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Богатиот изворен мелос ќе го претстават околу 300 учесници од сите делови на државата, а на Фестивалот и на Семинарот за изучување на народните инструменти, што е во рамките на манифестацијата, гостуваат членовите на оркестарот „Александар“ од Австрија кои го негуваат македонскиот изворен мелос.
- Може да се пофалиме дека годинава имаме многу нови групи, многу млади учесници и тоа што ќе го понудат во двата фестивалски дена ќе биде атрактивно и многу убаво, затоа што сите од регионите ги претставуваат културата, традицијата и богатото изворно творештво, рече на прес-конференција уметничкиот директор на Фестивалот, професор д-р Родна Величковска.

