Вевчани повторно културен центар: Започна 16. Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“
Познатиот дух, традиција и природни убавини на Вевчани и годинава се главна инспирација за бројни домашни и странски уметници. Започна новото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, настан кој веќе традиционално 16 години го позиционира ова место како важен културен центар.Годинава, креативна енергија во автентичниот вевчански амбиент ќе споделат уметници кои доаѓаат од пет различни земји Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина. Претседателката на колонијата „Вевчански видувања“, Ефимија Угриновска-Кукоска нагласува дека овој настан не само што придонесува за збогатување на македонската ликовна ризница, туку нуди и одлична можност за културна размена, дружење и промоција на македонскиот туризам и традиција пред меѓународната јавност. Создадените дела традиционално ќе бидат изложени за јавноста по завршувањето на колонијата.
Делата создадени на годинашната колонија ќе бидат претставени на изложба во Прага.

