Весна Јаневска: Не сме ние виновни ако нема учебници, туку директорите

Ако во иднина нема учебници обраќајте се на директорите, а не мене. Ова им го порача на новинарите министерката за образование Весна Јаневска, која денеска во Тетово испрати порака до училиштата дека проблемот со учебниците е системски решен и дека одговорноста за нивната навремена нарачка е кај директорите. Јаневска посочи дека Министерството обезбедило средства, наставни програми и дека се печатат нови учебници, но дека сега потребна е само поголема функционалност меѓу институциите.

Јаневска не се согласува со констатациите дека постојат политички уцени при вработување на наставници со договор на дело, но вели дека во минатото злоупотреби имало.

Таа најави и натамошна оптимизација на училишната мрежа. За разлика од лани, кога 150 училишта работеле во една смена, годинава бројката е зголемена на 200. Според Јаневска, намалениот број ученици бара поефикасна организација во училиштата, а директорите треба да најдат начини да ги заштитат наставниците преку дополнителна и изборна настава, клубови и други активности. Министерката Јаневска денеска учествуваше на панел-дискусијата „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“, дел од националната кампања на МОН „Магијата е во знаењето“.