Вештачка интелигенција ќе ги оценува гимнастичарите на Олимписките игри

Претседателот на Светската гимнастика, Моринари Ватанабе, потврди дека федерацијата е во напредни преговори за воведување на технологијата за оценување на гимнастичките настапи на следните Олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година.

Светската гимнастика од 2017 година соработува со технолошката компанија „Фуџицу“ на развојот на системот за судиска поддршка (JSS), технологија базирана на вештачка интелигенција која преку камери и анализа на движењата помага во оценувањето на настапите во спортската гимнастика.

Системот досега беше тестиран на неколку големи натпреварувања, меѓу кои и Светските првенства во спортска гимнастика. Своето деби го имаше во 2019 година, кога беше применет на четири справи, додека на актуелното Светско првенство во Ротердам за првпат е достапна анализа на сите десет справи во машка и женска конкуренција.