Вештачење на одбраната за „Онкологија“: Во лекувањето учествуваат повеќе лекари, не може да се бара индивидуална одговорност
Во лекувањето на одредени пациенти учествувале од три до шест или осум стручни медицински лица, не може да се бара индивидуална одговорност, тврди одбраната за случајот „Онкологија“, кој се води против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти.
Со сослушување на технички советник на првообвинетиот, доктор Владимир Даниловски, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“. Даниловски, одговарајќи на директни прашања од одбраната, укажа дека по дополнителни увиди во целокупната документација за лекувањето на поедини пациенти, утврдил дека вештото лице на обвинителството - доктор Маја Радник од Словенија не располагала со целокупната медицинска документација за лекувањето кај повеќе пациенти. Според Даниловски, не може да се направи изолирана проценка на лекување на пациентите, туку треба да се направи увид и проценка на уделот во лекувањето на сите онколози кои учествувале во лекувањето на пациентите, укажувајќи дека носењето терапевтски одлуки не било изолиран, туку континуиран клинички процес.

