Венецијанската комисија денеска за измените во судски закони во Србија

На пленарна седница Венецијанската комисија на Советот на Европа денеска треба да го потврди итното мислење за промените во судски закони во Србија. Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, го најави своето учество на седницата.

На 24 април, Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставни прашања, објави итно мислење за измените на пет закони што го регулираат судството и јавното обвинителство во Србија и даде седум клучни препораки за отстранување на недостатоците што ги поткопуваат механизмите за заштита на автономијата на јавното обвинителство и независноста на судството.

Во итно мислење побарано од Брнабиќ, Венецијанската комисија оцени дека измените на законот усвоени на 28 јануари првенствено влијаеле на обемот на хиерархиска контрола во рамките на јавното обвинителство, ги прошириле околностите во кои може да се користат привремени назначувања и реизбори на јавни обвинители и претседатели на судови и го промениле режимот на привремено назначување јавни обвинители.

Комисијата ја констатираше важноста на целите што српските власти се обидоа да ги постигнат.

Комисијата идентификуваше голем број недостатоци во амандманите кои ги поткопуваат некои од претходно постоечките механизми за заштита на автономијата на јавното обвинителство и независноста на судството, објави СЕ на 24 април.

На 18 мај, Министерството за правда испрати до Парламентот на Србија подобрени верзии на работните текстови на измени и дополнувања на пакетот судски закони, со цел да ги достави до известувачите на Венецијанската комисија.

Усвојувањето на тој пакет познат во Србија и како -  Мрдиќеви закони (по предлагачот, Угљеша Мрдиќ од владејачката СНС)  беше критикувано и од ЕУ која издаде предупредување дека на Србија може да и бидат одбиени 1,5 милијарди евра средства од Планот за раст.

Иако поднесе две барања за исплата од Планот за раст, Србија се уште не добила пари од втората и третата транша, бидејќи Европската комисија се уште проценува дали земјата ги исполнува условите за добивање европски средства.

Вкупните достапни средства од планираните последователни исплати изнесуваат околу 428 милиони евра. Втората исплата за Србија изнесува 163,1 милиони евра, додека третата транша изнесува 265 милиони евра.

Тие пари се условени од исполнувањето на сите реформски чекори предвидени во Агендата за реформи.

Властите во Брисел постојано изразуваат загриженост за усвојувањето на тој пакет закони во Србија.

За време на 147-та пленарна сесија, од 12 до 13 јуни, Венецијанската комисија ќе разгледа, за усвојување, вкупно седум мислења поврзани со пет земји - Албанија, Република Молдавија, Црна Гора, Полска и Србија и ќе потврди три итни мислења поврзани со три земји - Исланд, Литванија и Србија.