Венецијанска комисија: Уставни измени за ограничување на реизборот на јавниот обвинител

Јавниот обвинител да се избира и да се разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието и мандатот да е без можност за повторен реизбор -  ова се дел од препораките на Венецијанската комисија за предлог-законите за јавното обвинителство и советот на јавни обвинители до Владата. 

Освен ова, Комисијата препорачува во критериумите за позицијата јавен обвинител да се вметнат и менаџерските и организациските вештини, како и да се бара Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на јавниот обвинител. 

Венецијанска комисија: „Со оглед на важноста на прашањата за автономија и релативна независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува пред сè, во контекст на идна уставна реформа, Уставот да се измени во овие точки, за да не се предвидува можност за повторно назначување на јавниот обвинител и да се обезбеди квалификувано мнозинство во Собранието за негово назначување и разрешување “.

Во однос на предлог-законот за Советот на јавни обвинители пак, во мислењето, меѓудругото, се препорачува функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители да биде суспендирана за време траењето на нивниот мандат во Советот.

Претседателката Силјановска Давкова очекува веднаш по локалните избори законите да стигнат во Собранието.

Гордана Силјановска Давкова – Претседателка на РСМ: „Чинам веќе во петокот се нашло барањето на мислење за законот за јавно обвинителство и дека поминал законот, значи да информирана сум дека минситерот за правда го пратил на Венцијанската комисија и добил мислење за тоа. Веднаш по завршувањето на локалните избори мора да стигнат законите  во Собранието бидејќи не може да имаме реформи во судксиот систем без да имаме законски промени“.

Двата закона се дел од Реформската агенда на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан со рок до декември 2025 година.