Велес го затвори четвртото издание на фестивалот „Петре“
Дваесет дена театарска магија во Велес. Фестивалот „5РЕ“ го затвори четвртото издание со порака дека сцената е место каде уметноста и животот се преплетуваат и каде што емоциите не се мерат со бројки, туку со аплаузи.
Театарската сцена во Велес беше домаќин на четвртиот фестивал „5РЕ“, посветен на доајенот Петре Прличко. Од комедии до драми што боли во стомакот, на публиката ѝ беа понудени десетина претстави од Македонија и регионот.
Фестивалот заврши со стендап настапот на Сашко Коцев, но претходно, сцената беше исполнета со емотивни изведби и аплаузи за најдобрите. Претставата „12“ на Македонскиот народен театар ја понесе наградата за најдобра претстава, а режисерот Синиша Евтимов ја доби наградата за најдобра режија.
Еден од носечките актери во „12“ е Игор Џамбазов внук на Петре Прличко, кој настапи токму на сцената, што го слави неговиот дедо.
Публиката, пак, со срце ја избра претставата „Покојник“на Црногорското народно позориште, како најдобра. Комедија по текст на единствениот Бранислав Нушиќ која ги опишува судбината, апсурдите и малите човечки слабости.
Во актерските категории, Александар Крстиќ од Народно позориште Ниш ја освои наградата за најдобра машка улога за „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, при што духот на фестивалот го спореди со светската филмска сцена.
На домашен терен, Зорица Панчиќ од велешкиот театар беше наградена за улогата во „Госпоѓа Министерка“, токму во година кога слави 30 години кариера.
Блескаа и споредните улоги. Сашо Тасевски за неговата харизматична изведба на Фестер Адамс во „Фамилијата Адамс“ на Драмски и Марија Новак за настапот во „Секс, лаги и љубомора“ на охридскиот театар. За првпат годинава, беа доделени и плакети со ликот на Петре Прличко, симболичен потсетник на времето кога сцената се градеше со љубов и страст. Со измешани емоции, радост за освоените награди и тага за крајот на уште едно незаборавно издание – „5РЕ“ уште еднаш покажа дека Велес е срцето на македонскиот театар во април.