Веднаш да ги сопре постапките за нови рударски истражувања
Постапките за нови рударски истражувања се незаконски и мора веднаш да запрат. Со вакво тврдење 26 граѓански организации побараа Владата да ги повлече одлуките со кои се отвора пат за истражување на метални руди во источниот дел од државата.
Тие предупредуваат дека се планира да се истражува на места каде што тоа според законот не смее да се прави. Затоа бараат веднаш да се стопираат сите постапки, пред да почне изборот на компаниите што би ги добиле концесиите.
„Со тоа се повредува член 7-а, став 2 од Законот за минерални суровини, кој забранува проспекциски истражувања на веќе истражени простори, простори за кои се води постапка по иницијатива за доделување концесии за детални геолошки истражувања, веќе доделени простори под концесии за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини.“
Организациите велат дека голем дел од овие терени веќе биле истражувани или на нив веќе има дозволи за истражување и експлоатација. Според нив, Владата не смеела повторно да отвора постапки за тие локации. Бараат во рок од три работни дена да добијат одговор што ќе преземе Владата.
„Министерството било должно пред доставувањето на предлогот до Владата точно да ги утврди границите и да ги исклучи сите законски забранети површини. Нивното вклучување во поширок концесиски полигон не е дозволено, ниту, пак, може да се исправи во подоцнежна фаза од постапката.“
Од Владата побаравме став дали ќе ги преиспита овие одлуки и како одговара на обвинувањата на организациите. До затворањето на Дневникот, одговор не добивме. Спорните одлуки се донесени во декември минатата и во јуни оваа година и се однесуваат на постапки за геолошки истражувања во повеќе општини во источниот дел на земјата. Рокот за доставување понуди истекува на 31 јули, а електронската аукција е закажана за 6 август.

