Вчерашната комеморација во Кочани во тешка и траорна атмосфера
Во Кочани вчера попладне се одржа „Маршот на ангелите“, емотивен собир посветен на младите животи кои згаснаа во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Стотици граѓани маршираа по 14ти пат низ кочанските улици во тишина, оддавајќи почит и барајќи правда за пожарот од март годинава.
Претходно, се одржа комеморација, во чест на загинатите, организирана од Општина Кочани и Црвениот крст. Родителите на Ана, девојка од Виница која загина во трагедијата, јавно изразија разочараност, бидејќи како што тврдат, нивната ќерка, како и неколку други деца од околните општини, не биле спомнати на општинската комеморација.
Неговиот став го надополни и нејзината мајка, која објасни дека навреме доставиле сè што било побарано - фотографија и текст за Ана, верувајќи дека и таа ќе биде дел од комеморацијата.
ТВ 24 ја контактираше и Општинската Организација на Црвениот Крст во Кочани, од каде во телефонски разговор ни објаснија дека сите 63 жртви биле спомнати на комеморацијата, но акцент бил ставен на децата од Кочани и кочанско, бидејќи како што велат од таму, во сите поголеми градови, од каде што имаше загинати во пожарот во Пулс, претходно се одржале комеморации.
Инаку, со многу емоции, блиските на загинатите, облечени во црни маички со ликовите на своите загинати чеда, вчера речиси два часа во доста траорна атмосфера ја следеа комеморацијата, што се одржа во Центарот за култура “Бели Мугри“ во Кочани, каде по завршувањето на истата, од рацете на деца во воздух летнаа 63 балони, со имињата на прерано згаснатите млади животи.

