Вчера се одржа сенароден собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција
Пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје вчера се одржа сенароден собир против законите за родова еднаквост и за матична евиденција, во организација на Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Собирот беше во знак на протест поради, како што велат, односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка - семејството.
Како што информираа од МПЦ-ОА, целта била афирмација на христијанските и православни идеи за семејството, бракот, жената и децата. Собирот беше отворен со изведба на неколку тропари, а претходно во 16.30 часот се одржа вечерна богослужба и молебен. На него се обратија архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и академик Катица Ќулавкова.
На собирот присуствува претставници на католичката и евангелско-протестантската црква, меѓу кои и скопскиот бискуп и струмичко - скопски епарх Киро Стојанов.