Васил Јованов осуден на 12 години затвор за смртното прегазување на Фросина Кулакова
Кривичниот суд изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов, кој на 29 јануари оваа година ја прегази Фросина Кулакова на Партизански одреди во Скопје.
Судијката Снежана Марковска при објавување на пресудата кажа дека в предвид се земени олеснителни околности или признание на вина, годините и каењето на обвинетиот, но и отежителните околности загубата на младиот живот, претходни повеќе сообраќајни прекршоци и претходно сторено кривично дело за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци. Васил Јованов возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и на црвено светло удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло.
„Судот, обвинетиот го осудува на казна затвор во траење од 12години. Согласно членот 47 од КЗ во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето во притвор сметано од 30.01.2025година. Му се изрекува и казна-забрана за управување со моторно возило од Б категорија во траење од пет години.“ - судија Снежана Марковска.
Јавниот обвинител Александар Маркоски посочи дека оваа казна е највисока изречена казна за вакво кривично дело.
„Денешниот ден за Обвинителството е голема победа, затоа што беше изречена казна затвор којашто во историјата на овој суд за ова кривично дело и за една почината жртва досега не била изречена. Сметајќи на висината од 12 години казна затвор, Обвинителството го задржува правото на жалба да бара и повисока казна затвор.“ - Александар Марковски јавен обвинител.
Таткото на Фросина Кулакова за време на соопштување на пресудата во судница реагираше за висината на казна затворот.
„Убиецот Васо и останатите тројца кои биле во колата се светци, а загубата на најморбиден можен начин на животот детето-ангел Фросинче едноставно е небитно. Животот, оддамна е докажано дека нема вредност токму според законите на оваа недржава. Затоа оваа пресуда е таква каква е-срамна и тажна за цело општество.“ - Тодор Кулаков татко на Фросина.
Адвокатот на Васил Јованов, Сашо Дуковски изјави дека ваквата висина на казна затвор не е во согласност со судската пракса, како во други слични претходни предмети каде обвинетите добиле казна затвор од три ипол или осум години.
„Секако е трагичен настан, но не може од овој настан да се започне со спроведување на нова казнена политика во Р.Македонија. Сметам дека судот не ценеше во доволна мера искреното каење и личноста на сторителот. Казната е превисока.“ - Сашо Дуковски адвокат на Васил Јованов.
На Васил Јованов му се продолжува притворот до правосилноста на пресудата. На пресудата странките имаат право на жалба пред Апелација. Додека пак, за утре од страна на семејството на Фросина најавен е протест со почеток во 17ч пред Универзална сала.

