Вархеји пак се закани дека Албанија ќе ги почне преговорите пред Македонија ако нема договор со Бугарија
Foto

Вархеји пак се закани дека Албанија ќе ги почне преговорите пред Македонија ако нема договор со Бугарија

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји повторно кажа дека Европската унија може да ги почне пристапните преговори со Албанија пред Македонија, ако не се најде заеднички прифатливо решение со Бугарија за историскиот спор.

„Ако наидеме на потешкотии повторно со Северна Македонија, што би значело дека нема да имаме успех во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија да најдат заеднички прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ние мораме да го разгледаме тоа прашање“, кажа Вархеји, одговарајќи на новинарско прашање на „Јуроњуз“ денеска во Брисел.

Прашан дали е опција формалното разделување на двете земји, кои досега одеа во пакет, тој одговори:

„Да, тоа е опција“.

Вархеји кажа нешто слично и завчера, за време на неговата посета на Скопје, по повод донацијата од 4.800 вакцини од ЕУ.

„Албанија ги има исполнето сите услови и ако не се постигне договор за случајот на Северна Македонија мислам дека ќе дојде и тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции. Денеска разговарав за ова прашање со премиерот Заев и се согласивме дека мора да се направи напредок од двете страни“, рече завчера Вархеји.

Северна Македонија има чиста препорака за почеток на пристапните преговори од Европската комисија, но конечната одлука ја носи Европскиот совет, каде што Бугарија стави вето.

0 Коментари

Остави коментари