Вархеји и Борел во Скопје на Советот за стабилизација и асоцијација

Македонија се обврза да ги стави бугарите во уставот со преговорачката рамка со Европската унија и тоа е единствен начин земјава да ги продолжи преговорите и да почне да ги отвара поглавјата, порачаа високите гости од Брисел после одржувањето на Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација кој за прв пат се одржа во Скопје.

Високиотот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел порача дека не се жртвува македонскиот идентитет за влагување во унијата, туку напротив се зајакнува. 

Еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји порача дека е потребно владата и парламентот да ги забрзаат реформите, особено оние поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата, и додаде дека се надева дека во парламентот не се опструира тој процес. Вархеи уверува дека проширувањето на унијата е приоритет на Брисел.

И Борел и Вархеи посочија дека за членството во ЕУ треба да постои национален консензус меѓу сите чинители. Премиерот Ковачевски вели дека уставните измени не се проект на еден човек, една партија или влада туку треба да бидат државна стратешка цел како што е членството во НАТО, и затоа имало повик до опозицијата да се вклучат во работната група за уставните измени и да учествува во скринингот со ЕУ.

Европската унија ја подржа Македонија за време на ковид кризата, за енергетската криза а сега и помагаат да се справи со сајбер и хибридните закани кои ја таргетираат државата поврзани со војната во Украина со нови 9 милиони евра помош за армијата. Високите европски гости го поздравија македонското претседавање со ОБСЕ и кажаа дека особено ја ценат целосната усогласеност на земјата со надворешната политика со Брисел во однос на Украина.