Вардар е на чекор до Келн, го совлада ПИК Сегед со 31-23
Foto

Вардар е на чекор до Келн, го совлада ПИК Сегед со 31-23

Со фуриозен финиш Вардар дојде до голема победа против ПИК Сегед, во Унгарија ќе брани предност од осум голови која треба да биде доволна за нов фајнл фор во Келн. Ова беше натпревар со големи емоции, Вардар за последен пат во ваков силен состав како клуб на Сергеј Самсоненко настапи на натпревар од Лигата на шампионите во „Јане Сандански“. Преполното гледалиште направи фантастична атмосфера и се прости од своите херои. 

Натпреварот почна изедначено, се играше гол за гол во првите минути, Вардар прв пат поведе во десетата минута (4-3). Брзо потоа дојде периодот на македонскиот тим, следуваше серија од 4-0 за водство од 8-4. Црвено-црните за кратко време поведоа и со највисоки пет разлика (11-6), но финишот му припадна на ПИК Сегед. Гостите од Унгарија направија серија од 5-1 и намалија на само еден разлика 12:11. Првото полувреме заврши со два позитива за нашиот тим 14:12. 

Вториот дел беше израмнет во најголемиот свој тек, но Вардар имаше неверојатен финиш, голови паѓаа од сите страни, ПИК Сегед изгледаше немоќно во жешката скопска сала. На крајот црвено-црните победија со фантастични 31:23. Криштопанс и Карачиќ со по осум голови беа најефикасни во составот на Вардар, одличен беше и Скубе со шест погодоци, Милосављев имаше десет одбрани. Реваншот се игра во Сегед на 5. мај, Вардар ќе брани огромни осум разлика за пласман на завршниот турнир во Келн, каде ќе биде трета година по ред.

 

0 Коментари

Остави коментари