Вакцините „Синовак“ останаа во фрижидерите
Foto

Вакцините „Синовак“ останаа во фрижидерите

Вакцините „Синовак“ кои уште пред два дена пристигнаа во земјава – се уште се во фрижидерите во вакциналните пунктови. Вакцините чие пристигнување со месеци наназад се најавуваше - сега чекаат одобрение од Агенцијата за лекови за да може да почнат да се аплицираат кај граѓаните. 

Од „МАЛМЕД“ за ТВ 24 велат дека процедурите се при крај и уверуваат дека за кратко време ќе дадат зелено светло за употреба.

„Одобрување на еден лек (вакцина во случајот) и пуштање во промет подразбира неколку процедури што треба да поминат во Агенцијата за лекови. Скоро сите процедури се завршени. Агенцијата работи  во полн капацитет и во најкратко време ќе бидат завршени“ - вели д-р Лирим Шабани – Директор на Агенција за лекови и медицински помагала „МАЛМЕД“.

И во дел од вакциналните пунктови ни потврдија дека вакцините се уште не се даваат поради административните процедури кои ги чекаат да ги заврши Агенцијата за лекови. 

Од Министерството за здравство велат дека денеска започнала дистрибуцијата и во пунктовите ширум земјава. 

Во меѓувреме на најголемиот вакцинален пункт во Скопје во моментов достапна е само вакцината на „Фајзер“. 

„Моментално ја даваме Фајзер, се надеваме оваа недела или наредна дека ќе ја даваме и Синовак“ - вели д-р Симона Николовска.

На вакциналните пунктови денеска немаше гужви.  

Масовната вакцинација треба да продолжи токму со вакцините од „Синовак“. Според експертите, вакцината е безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56 и 78%. Истата е препорачана од страна на СЗО и веќе неколку земји во светот ја користат. Кај нас ќе се дава во две дози - на три недели.

0 Коментари

Остави коментари