Вакцините на „Фајзер“ обезбедени - ама договорот се уште не е финализиран
Foto

Вакцините на „Фајзер“ обезбедени - ама договорот се уште не е финализиран

Министерството за здравство се уште нема потпишано договор со „Фајзер“ за директна набавка на 800.000 вакцини. Од кабинетот на Филипче велат дека се чека на компанијата за да се финализира договорот, а кога ќе биде тоа - не се знае.  

- Министерството за здравство обезбеди 800.000 дози вакцини против Ковид 19 од прозиводителот Фајзер, кои сукцесивно ќе бидат испорачувани во нашата земја. Глобална политика на прозиводителите на вакцини е доверливост на договорите, нашата земја ја почитува оваа политика на сите прозиводители на вакцини против Ковид 19. - Министерство за здравство.

На почетокот на јануари министерот Филипче на социјалните мрежи напиша:

- Одлична вест на почетокот на годината. Првата доза од 5850 вакцини против Ковид 19 од Фајзер стигнува во февруари, во директни преговори обезбедивме 800.000 дози за 2021. Пратка со поголема количина ќе дојде во март и април, а динамиката за годината дополнително ќе ја утврдиме. - Венко Филипче.

Со оглед на тоа што договорот не е потпишан останува неизвесно дали Македонија ќе ги добие најавените 5 850 вакцини - овој месец. 

За вакцините од Кина пак- здравствените власти добиле ветување дека ќе стигнат до крајот на месецов, за руските вакцини нема конкретна информација кога ќе пристигнат, а во март според најавите земјава ќе добие околу 40.000 вакцини преку КОВАКС механизмот. 

Ова денеска го изјави заменик министерот за здравство Илир Хасани, кој прими вакцина против КОВИД во модуларната болница, а потоа даде изјава селективно без да ги повика сите медиуми - како висок фунцкионер во министерството за здравство, кој треба да биде пример за транспарентност.  

Во меѓувреме пак коронавирусот повторно почна да зема замав. Бројките на новозаразени повторно растат, а дополнителна загриженост предизвикува новиот британски сој кој е многу позаразаен од примарниот коронавирус и веќе почнува забрзано да се шири во одредени градови. 

Според последните податоци на министерството во моментов во земјава има над 6 000 активни случаи, а над 3.000 лица го изгубија животот како резултат од компликации од вирусот.

0 Коментари

Остави коментари