Вакцинацијата спречи да се заразат дополнителни 14,500 луѓе
Вакцинацијата спречила да се заразат дополнителни 14,500 луѓе (или 148 повеќе новозаразени на ден), во последните 3,5 месеци- покажува истражувањето на Finance Think(Фајнанс тинк). Хоспитализацијата се намалила меѓу 37,9% и 46,5%, а трошоците во здравството се намалиле за 2.8 милиони евра за последните пет недели од почетокот на делта бранот.
„Вакцинацијата донесе нова надеж за борба против Ковид-19 пандемијата. Ефектите се многубројни, од намалување на притисокот врз здравствените системи до намалување на рестриктивните мерки и придвижување на економскиот и социјалниот живот“, се вели во Истражувањето.
Анализата на Министерството за здравство, пак покажува дека во последните два месеца 74,9% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани, 79% од хоспипитализираните се невакцинирани, а 21% од моментално хоспитализираните пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, се вели во анализата.
„Во период од 6.08 до 14.10.2021 на територија на државата починале 1382 пациенти со Ковид 19, 1149 пациенти од починатите, односно 83% не биле вакцинирани, а 17%, односно 233 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас“. - велат од Министерство за здравство.
Од Министерството укажуваат на важноста од вакцинација и апелираат граѓаните да се вакцинираат за колективен имунитет и да се спречат нови мутации на СарсКов2.