Увозот на работна сила станува реалност и во Македонија

Увозот на работна сила станува реалност и во Македонија. Домашното работоспособно население заминува претежно во побогатите земји, а испразнетите места ќе ги пополнуваат странци. 

Неколку агенции преговараат и регрутираат странски работници, кои се заинтересирани да работат во земјава, а веќе има интерес од Непал, Пакистан и Филипини. Таква понуда од Непал добил и управителот на светиниколска текстилна компанија, Анѓел Димитров, кој воедно е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи. Тој во интервју за МИА апелира постепено да се либерализира пазарот на трудот и да се овозможи полесен пристап на странските работници.

Откако ги избркаа работниците од Македонија, сега ќе увезуваат работници од странство, што не е долгорочно решение, туку можност за повторна експлоатација на работниците, вели во телефонски разговор за ТВ 24 претседателката на невладината “Гласен текстилец“, Кристина Ампева.

Инаку, на земјава ѝ недостигаат 10.000 работници годишно, а тоа најмногу се чувствува во градежништвото, туризмот и угостителството, кои засега се едни од најпогодените сектори.