Утврден предлог-законот кој ќе овозможи одгледување медицински канабис, следи јавна расправа
Владата на вчерашната седница го утврди предлог – законот со кој ќе се дозволи одгледување канабис за медицински цели. Законот чија цел е контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, како и спречување и сузбивање на нивна злоупотреба, ќе биде ставен на јавна расправа.
Според предложениот текст, канабис за медицински цели ќе може да одгледуваат само правни лица кои имаат одобрение од министерството за здравство, добиено по претходна согласност од владата која ќе ја одобрува и секоја измена во сопственичката структура на правните лица.
Во текстот на предлогот, се наведува дека компаниите кои ќе стекнат лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат 10 отсто од вкупниот износ во државниот буџет. Овие средства преку посебна програма ќе се користат за лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.