Утре владина седница: Дали ќе има мерки за ублажување на ценовниот притисок?

По Велигден, прашањето кое се поставува е дали ќе има поевтинување на храната или цените ќе продолжат да растат. Владата најави мерки за утре, но засега без конкретни детали. Во изминатите денови, цените на дел од прехранбените производи покажуваат раст, додека очекувањата кај граѓаните се дека по празниците ќе следи стабилизација.

Анализите покажуваат дека иако глобално цените на храната растат, во земјава тие засега се релативно стабилни, но со потенцијал за нови поскапувања . Дополнителен притисок доаѓа и од цените на горивата, кои во изминатиот период бележеа значителни осцилации, што се прелева и врз трошоците за транспорт и производство.

Владата најави дека ќе проверува дали има шпекулативно однесување на пазарот, но не одговори на прашањата на ТВ24 дали мерките ќе бидат објавени утре и што точно ќе опфатат. Економистите предупредуваат дека пристапот мора да биде внимателен.

Во меѓувреме, како дел од досегашните мерки, Владата го намали ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, а ОКТА воведе попуст од 3 денари за дизелот и 2 денари за бензините. Во јавноста се појавија и информации дека се разгледува намалување на акцизите за дизелот за околу 4 денари по литар.

Од СДСМ, пак, бараат пошироки мерки, намалување на акцизите за горивата за 4 денари, укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи и преполовување на патарините. Останува отворено прашањето дали Владата ќе се одлучи за дел од овие мерки или ќе понуди нов пристап. Јавноста очекува одговор, особено по празничниот период кога трошоците за домаќинствата дополнително пораснаа, а неизвесноста околу цените останува.