Утре нова средба на комисиите на Бугарија и Македонија

Дали Комисијата на историчари ќе почне да работи под политички притисок и што ќе донесе нивната средба? После едногодишна пауза , македонско-бугарскиот тим утре ќе седне на маса со отворени карти, од кои се чини зависи македонската европерспектива.

Но, додека бугарските историчари најавуваат дека во Скопје доаѓаат со амбиции да се реши прашањето за Гоце Делчев, во Македонија  расте тензијата меѓу власта и опозицијата.

Откако лидерот на опозицијата Мицкоски обвини дека Бугарија бара нов договор со уставни измени и дека тоа е пораката која Османи ја добил во Софија, премиерот не одговори конкретно, а шефот на дипломатијата негираше преку порака на фејсбук.

Според Заев, овој тип на изјави се неодговорно однесување на Мицкоски

- Ние сме одговорни, сакаме договори, сакаме земјата да ни оди напред и верувам дека даваме максимални напори, позитивни аспирации, внимание и пријателство, за да ги постигнеме договорите и, секако, она што е најважно за нас, да ги заштитиме нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна.  изјави Заев.

И додека Заев повторува дека ако Софија продолжи со ваквите предлози, нема да започне првата меѓувладина конференција, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека проблемот со Бугарија настанал откако Заев ветил сѐ што денес Бугарија и владата во Софија бара од него да исполни.

- За ова има лични признанија од бугарски политичари во врвот. Заев излажа дека ги има затворено клучните прашања за Македонија. Затоа Заев е должен да каже дали последните барања од Захариева се уставни измени по теркот на договорот со Грција, редефинирање на македонската нација и откажување од македонската историја. - изјави Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, прозван за пораките при посетата на Бугарија, преку фејсбук порача да има помалку шпекулации и тенденциозни изјави кои ја вжештуваат атмосферата.

- Нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. - напиша Османи на фејсбук.  

Вчера експертите порачаа дека единствено Заев и Борисов можат да ја смират вжештената топка која се префрла меѓу  Скопје и Софија и само од нив зависи дали стартот на преговорите ќе започне овој декември. Сепак побараа политичарите да ги остават историчарите на мира да ја вршат својата работа и да не прават дополнителен притисок за решенија кои не можат да се донесат туку така.

Утре во Скопје пристигнува бугарскиот тим историчари, но што ќе донесе средбата допрва ќе се види.