Утре неформален состанок на лидерите на ЕУ

Утре неформален состанок на лидерите на ЕУ – на масата во Брисел клучните позиции на Унијата.  27-те лидери на земјите членки на европското семејство ќе го бираат политичкото раководство во следните пет години: претседател на Европската Комисија, претседател на Европскиот Совет и Висок претставник за надворешна политика.

Веќе е јасно дека досегашната шефица на ЕК – Урсула Фон дер Лајен ќе влезе во трката за втор мандат, а германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во интервју за германски медиум, порача, дека постојат големи шанси за нејзин реизбор. 

Олаф Шолц германски канцелар - Сега многу брзо ќе се донесат одлуки за најважните позиции што треба да се пополнат за да може ЕУ да функционира. Има  индикации дека Фон Дер Лајен ќе може да добие втор мандат како претседател на ЕК. 

На еден ден пред состанокот, бриселски Политико, објави дека постои  невообичаено ран консензус околу имињата, кои ќе седнат на челните позиции на ЕУ:  Урсула фон дер Лајен за втор мандат како претседател на ЕК, Португалецот Антонио Коста како претседател на Европскиот Совет, Роберта Мецола како шефица на Европскиот Парламент и Каја Калас од Естонија како шефица за надворешна политика. 

Распределбата на позиции треба да се направи според резултатите од ЕУ изборите, а со оглед на тоа што Европска народна партија (ЕПП) обезбеди победа од 190 места, фон дер Лајен е во тн пол-позиција да ја обезбеди поддршката од лидерите  

Фон дер Лајен, ќе присуствува на утрешниот неформален самит и покрај тоа што во последните денови европските медиуми пренесуваа дека е можно нејзино отсуство поради тн саботажа од досегашниот претседател на Европскиот Совет Шарл Мишел, чии односи се влошени по дипломатскиот скандал Софагејт. 

И додека лидерската позиција во ЕК се очекува да припадне на ЕПП, претседателството со Европскиот Совет се очекува да го добијат социјалистите, а либералите,  да го  преземат местото на новиот шеф на европската дипломатија.

Утре во Брисел треба да се отвори и темата за стратешката агенда на Унијата, која исто така се дефинира на почетокот на секој нов мандат. Но преговорите нема да завршат тука. 

За следниот период назначени се посебни претставници за преговарачи, за тоа – која држава ќе земе одредено портфолио во новиот лидерски состав на ЕУ.

ЕПП веќе ги назначи Доналд Туск и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис Германскиот канцелар Олаф Шолц и шпанскиот премиер Педро Санчез се назначен за преговарачи на социјалистите. А во име на либералите ќе преговараат естонскиот премиер Каја Калас и белгискиот премиер во заминување. Александар Де Кро.