Утре можна нова средба Заев - Гаши, се чека одлука на Алтернатива дали ќе влезе во Владата
Утревечер и дефинитивно ќе се знае дали Алтернатива ќе влезе во Владата откако ќе заседава Централниот совет на партијата, потврдуваат од Алтернатива за ТВ 24.
Од таму не знаат да кажат дали после партискиот состанок веднаш ќе следува и средба меѓу лидерот Африм Гаши и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Извори од владејачката партија велат дека најдоцна до понеделник, уште една средба меѓу двајцата лидери сигурно ќе има.
Откако по трите средби и од двете партии излегоа со соопштение дека на средбите се разговарало само за програмските определби и за тоа како власта ќе се справи со енергетската и здравствената криза, сега велат партиски извори, и официјално ќе почнат преговорите за поделба на функциите. Се' ќе зависи дали Заев ќе го жртвува актуелниот министер за здравство Венко Филипче а на негово место да седне фаворитот на Алтернатива, генералниот секретар на партијата, Беким Сали.
Ако се случи тоа, тогаш, велат неофицијално нашите извори, алтернативците можно е да попуштат за министерствата за транспорт и врски, за труд и социјала како и за министерството за земјоделство или министерствата за образование и она за култура. Сепак, партијата на Африм Гаши не отстапува од намерата да земе две министерски, три заменички-министерски места и стотна други вработувања во пониските ешалони од власта.
Неофицијалните информации говорат дека иако за Заев, Сали е прифатлив за нов министер за здравство сепак по консултациите со ДУИ сега името на генералниот секретар на Алтернатива се проблематизира затоа што, како што велат извори за ТВ 24 тој како кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори изгуби токму од кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу.
А откако Алијанса за Албанците вчера и' се налути на Алтернатива и побара одговор дали нивниот се' уште коалициски партнер останува во нивното гнездо или ќе одлета кај владејачкото мнозинство, Гаши денеска му врати на Зијадин Села дека нивниот договор за соработка всушност е потрошен. Сепак, Гаши ја остава отворена можноста соработката да продолжи и на следните избори кога и да се одржат.
Дали, кога, како и кој со кого ќе се обиде да ја извади Македонија од политичкиот ќорсокак во кој западна ќе се знае најдоцна во понеделник по одржувањето на четвртата средба помеѓу Заев и Гаши.