Утре министерот за европски прашања Муртезани на состанок на Советот за општи работи на ЕУ

Македонија утре прв пат формално учествува на Советот за општи работи во Брисел - но со кои адути ќе настапи? 

Во пресрет на Европскиот совет во октомври, утре во рамки на формалниот состанок на ГАК, ќе се оддржи дискусија за состојбата на владеење на правото во земјите-членки на ЕУ, а за прв пат ќе учествуваат Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора. Според најавената агенда, министерот Муртезани ќе реферира за сработените реформи во правосудството. 

- Предвидено е да се разговара за состојбите во четирите области опфатени со последниот Извештај на ЕК за владеење на правото 2024: судскиот систем, антикорупција, медиумски плурализам и слободата на медиумите, како и други институционални прашања поврзани со контролните механизми. - Министерство за европски прашања.

Македонија не беше поштедена од критики во последниот извештај на ЕУ, од месец јули, каде за прв пат, пакетот од 4 земји - кандидати беше вклучен во Годишниот извештај за владеење на право.  Брисел покажа загриженост за независноста на македонското судство и големиот ризик од корупција во државата. 

( 24.07.2024 ) Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година - Нивото на утврдена независност на судството е многу ниско. Загриженоста останува и во однос на функционирањето и на независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми.

Експертите предупредуваат, со оглед на последните случувања Скопје- Софија, токму Бугарија ќе биде особено заинтересирана за демократското поведение на земјата.

- Тука ни е многу важно да покажеме портофолио на владеење на правото кое што може да се носи со имиџот на другите држави - членки и за да можеме да се справиме со забелешките кои што ги очекувам од Бугарија, во однос на нашето демократско поведение. - Симонида Кацарска директорка на ЕПИ.

Според аналитичарите, македонските власти недовлоно работеа на усогласеноста со ЕУ., а тоа го покажаа и 45те проценти на усогласеност со европското законодавство. Пораките, пак, кои континуирано пристигнуваат од Брисел, вклучително и старо-новата шефица на ЕК, Урсула Фон дер Лајен се дека проширувањето ќе остане процес заснован на заслуги.