Утре „Марш за ангелите“ во Кочани и протест во Скопје
Утре, 16ти септември навршуваат шест месеци од најцрниот ден за Кочани, трагедијата во т.н. дискотека „Пулс“, во која згаснаа 62 млади животи во катастрофалниот пожар, а повеќе од 200 беа повредени.
По тој повод, од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Кој е следен“
„Не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Вака веќе не може. Не смееме да отрпнеме. Болката мораме да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и поттикне на акција. Најважно е да не престанеме да се бориме за вистината, да не останеме неми пред неправдата, да преземеме одговорност, секој на свој начин!“
На точно шест месеци откако ги загубија своите чеда, родителите и блиските на жртвите, исто така утре ќе маршираат низ кочанските улици. Од Здружението “16ти Март 2025-Кочани“ го најавија 22тиот “Марш за ангелите” и повикуваат: Да се собереме сите заедно, да им оддадеме чест на ангелите и да покажеме дека нивната светлина и борбата за правда нема да згасне.
Здружение “16ти Март 2025-Кочани“
- Ве повикуваме сите заедно да излеземе и да дадеме поддршка. Маршрутата е следна:
15:35 Почеток од Паркот на револуцијата – Кочани , Основен суд – Кочани , Министерство за внатрешни работи – Кочани, Управа за јавни приходи – Кочани, Завршување со враќање во Паркот на револуцијата
Овој марш е симбол на нашата заедничка болка, но и наша силна порака: Никогаш повеќе ваква трагедија! Доста беше со манипулации и корупција што одземаат невини животи!
Освен двата најавени собири, предвидени се и низа активности во Кочани и Штип. Со почеток од 20 часот, во Градскиот парк на револуцијата во Кочани и градскиот плоштад Слобода во Штип сите кои сакаат да оддадат почит ќе можат да запалат свеќи, а половина час подоцна ќе се организира создавање звездено небо, чин на спомен на младите животи, кои Македонија ги загуби кобниот 16ти март.

