Утре ќе бидат префрлени само 4% од парите од унгарскиот кредит на Развојната банка
Само четири отсто од долго најавуваните средства од унгарскиот кредит утре ќе бидат префрлени од државниот буџет на сметката на Развојната банка. Односно 11 од 250 милиони евра. Од Министерството за финансии за Телевизија 24 велат дека ова е прва транша а сумата е согласно одобрените кредити од страна на комерцијалните банки.
Министерство за финансии: „Развојната банка веќе има доставено барање за префрлање на првата транша од средствата наменети за компаниите од Буџетот и дека во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени средствата од централниот Буџет кон Развојната банка. Станува збор за поддршка на првите одобрени проекти на компаниите од страна на деловните банки во износ од околу 11 милиони евра.“
ТВ 24 иако пред два дена побара одговори од ресорното министерство, не добивме информација за тоа колкав број на кредити се одобрени од страна на банките, а колку апликации се одбиени. Од кои сектори се фирмите кои ќе инвестираат со пари од унгарскиот кредит, и кога е највисоката сума која ја одобриле банките. Денеска на нашите повици не одговорија ниту од Македонската банкарска асоцијација.
Во бизнис круговите веќе се шири информацијата дека најголемиот дел од парите се резервирани од страна на банките за компании кои им се долгогодишни клиенти и кај кои не гледеаат никаков ризик за нивно кредитирање. Поранешниот министер за финансии Никола Поповски во гостување на тв 24 вели бруто јавните и приватните инвестициите на годишно ниво во Македонија изнесуваат пет милијарди евра. Поповски смета дека оваа сума за која се дигна толкава врева е минорна.
Никола Поповски поранешен министер за финансии: „Во Развојната банка на Македонија такви кредити од 100 милиони евра има еве веќе осмиот од ЕИБ. Има ЕИБ еден, два три , четири, сега сме стигнати мислам дека до осмиот. ПО 100 или 120 милиони евра секоја втора година мислам со истите услови. Ама ова е така – пропагандно, и ништо нема да влијае. По седум милиона има секоја банка. “
Ставот на владата е дека со кредитот од 250 милиони евра ќе се отворат најмалку пет илјади работни места а тоа според нив ќе придонесе за подобрување на продуктивноста на преработувачката индустрија. Компаниите можат да подигнат најмногу 10 милиони евра и за тие пари да платат камата од 1,9 отсто. Главната камата од 3,2 отсто на кретитот тежок една милијарда евра ќе ја платат граѓаните.