Утре и задутре во Скопје генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг утре доаѓа во Скопје. Станува збор за мини -балканска турнеја на генералниот секретар на Воената Алијанса, која започна од БиХ, а ќе заврши во Македонија со неформален состанок на НАТО сојузниците од регионот.
На официјалната страница на НАТО, може да се види агендата на Столтенберг, но не и детали за целта на посетата. Тој денеска испрати кратка порака од Сараево, дека Алијансата е загрижена за руско влијание во Западен Балкан.
- Загрижени сме поради сецесионистичката реторика како и од негативното странско влијание, вклучувајки и руско влијание. Ова претставува закана за стабилноста и ги забавува реформите. Сите политички лидери , мора да работат на зачувување на единството, да градат државни институции и да постигнат помирување. Ова е клучно за стабилноста и безбедноста на државата. Со години НАТО е посветен БиХ. Вашата безбедност е важна за регионот на Западен Балкан и за Европа. - изјави Столтенберг.
Веднаш по обраќањето на Столтенберг, реагираше руската амбасада во Босна и Херцеговина и порача дека нешто не е во ред со логиката на генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг денеска е во посета и на Приштина. Оттаму заминува за Србија, а турнејата ја заокружува со дводневна посета на Македонија. Утре попладне ќе има заедничка прес конференција со премиерот Ковачевски, а ќе се обрати и во собранието. Средби се предвидени со шефот на државата, и собранискиот спикер. Во среда пак за време на неформалниот НАТО состанок во Скопје, се очекува да бидат присутни - хрватскиот претседател и премиерите на Албанија, на Словенија, и на Црна Гора.
Турнејата на Столтенберг се совпаѓа со последните изјави на украинскиот претседател Зеленски. Пред само неколку дена Зеленски порача дека Русија сака да создаде нови кризи на Балканот, за да го тргне вниманието од војната во Украина.