Утре и задутре лекарски прегледи во Трубарево, смрдеа на пластика се уште се чувствува
Утре почнува дводневниот пулмолошки скрининг за жителите на Трубарево, кој ќе вклучува и комплетен клинички преглед, спирометрија и ЕКГ. Министерот за здравство Алиу им порача на сите лица од ова населено место кои чувствуваат потешкотии при дишењето после минатонеделниот голем пожар, да се пријават на скринингот.
Иако изгорениот отпад од магацинот на фирмата Ф-Групација е затрупан со земја и песок, се уште се чувствува смрдеа во воздухот.
Жителите на Трубарево раскажуваат дека миризбата на изгорен отпад особено се чувствува доцна во ноќта но и во утринските часови.
Откако минатата недела ја поминаа учејки од дома поради штетните материи во воздухот од горењето на електронски отпад, околу 1.800 ученици од четири основни училишта од ова населено место се вратија во училишните клупи. Ректорот на Штипскиот универзитет, Дејан Мираковски, каде се направија анализите за квалитетот на воздухот, тврди дека е безбедно учениците да посетуваат физичка настава.
Сепак, дел од родителите зад камерата ни раскажаа дека иако не се убедени оти воздухот повеќе не е токсичен, немаат друг избор освен да ги пратат децата во училиште.
Вчера Министерството за животна средина ги презентираше резултатите од мерната станица во Трубарево за концентрацијата на PM₁₀ честичките и заклучи дека тие не ги надминуваат граничните вредности.
Резултати од мерењата на PM₁₀ честички во Трубарево
Просечна концентрација: 9.8 µg/m³
Максимална измерена вредност: 43.3 µg/m³
Моментална вредност: 8.2 µg/m³
Министерството за животна средина и просторно планирање
- Според добиените резултати, просечните концентрации на PM₁₀ честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности. Концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, согласно Уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух.
Пред една недела избувна пожар во фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево, но се уште нема детални информации, што и колку опасен отпад изгоре.

