Усвоено спорното упатство – Левица нема да може да се рекламира

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги едногласно го усвоила упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, со што партијата Левица останува без можност за платено политичко рекламирање. 

Левица вчера испрати претставка до АВМУ со предупредување дека предложените правила во ова упатство ги дискриминира помалите парламентарни партии и побараа итни измени. 

Според упатството кое се повикува на Изборниот законик од максимално дозволените девет и пол минути политички реклами во еден час, четири минути добиваат двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во Парламентот на последните избори, четири минути двете најголеми опозициски по истиот принцип, една минута оди кај партиите кои освоиле пратенички места, но недоволно за пратеничка група и 30 секунди одат за партиите кои не се застапени во Парламентот.