Усвоен договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство
Условите по кои земјава ќе ги враќа 6-те милијарди евра од британскиот кредит ќе бидат поповолни од сите досегашни, вели министерот за транспорт и врски, Александар Николовски.
Тој најави дека стартно ќе се повлечат 2,2 милијарди евра за да се гради брзата пруга од Табановце до Гевгелија, вредна околу 2 милијарди евра и болницата, медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип, реконструкцијата на тетовската болница и изградбата на болницата во Кичево, што ќе чини околу 200 милиони евра. Николовски појасни дека грејс периодот за враќање на кредитот ќе почне по завршувањето на проектите, а каматната стапка може да биде и под инфлацијата.
Договорот за заем, кој власта го најавува како најголем инвестициски заем досега, а опозицијата го критикува како нетранспарентен, вклучува и инвестиции во експертиза од сручњаци и институции од Обединетото кралство, во кои ќе бидат вклучени и приватни компании, но и државни институции.
Ова доаѓа откако лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера побара јавноста да добие повеќе информации за условите на договорот за заем, посочувајќи дека е неопходно Владата да излезе со детали за каматните стапки, рокот на отплата и другите параметри кои ќе влијаат врз економијата и идните генерации.
Во меѓувреме, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека со повлекувањето на 2,2 милијарди евра во првите пет години, годишното зголемување на јавниот долг ќе биде околу 400 милиони евра, што ќе оди на контото на економскиот раст. Таа додаде дека договорите за изградба ќе бидат јавни, без авансни плаќања, а средствата ќе се исплаќаат по извршена работа и фактурирање. Договорот Со Обединетото Кралство ќе биде потпишан во четврток.