Уставот досега менуван осум пати со 36 амандмански интервенции
Највисокиот правен акт во државата Уставот донесен во 1991 година во ноември, до овој момент претрпел осум измени со 36 амандмани. Истиот денеска влегува во собраниска процедура за новата девета измена по предлог на власта.
Првите измени на уставот се случија на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II. Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.
Потоа, следува измената во 1998 година за усвојување на Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со тоа е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.
На седница во Собрание ги изгласаа третите измени кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор кога во 2001 година ги усвоија 15 амандмани донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор.
Во декември 2003 година пак беше усвоен амандманот XIX со кој се уредува отстапување од неповредливоста на тајноста на сите други облици на комуникација, а не само на писмата, како што е утврдено со Уставот од 1991 година. Утврдено е дека отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, а поради точно наведени причини.
Наредна измена на уставот имаше во декември 2005 тата кога се изгласаа 11 амандмани, кои се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавни обвинители.
XXXI амандман кој што го одобриле пратениците во 2009 – та се однесува за утврдување на цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг.
А во април 2011 година на собраниска седница повторно е отворен Уставот за внес на XXII амандман, кој се однесува за неможност на одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот да биде протеран од државата.
Македонскиот устав последната промена ја имаше пред четири години кога во 2019 – та тогашниот Собраниски состав со 81 глас „за“, ниту еден против и воздржан, ги изгласа четирите амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по Преспанскиот годовор потпишан со Грција на 17 јуни 2018 година.