Уставните судии не избраа претседател ниту по четврти обид, нова седница утре

Уставниот суд ни во четвртиот круг од гласањето не успеа да избере нов претседател меѓу кандидатките Павловска Данева и Бозаџиева-Васиќ.

Како што информираат од Уставен суд новиот обид за избор на претседател на Уставен суд продолжува утре.

„Во Уставниот суд денеска се одржаа четири круга на гласање за претседател при ниту еден од предложените кандидати не го доби потребното мнозинство. Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд. Седницата за избор продолжува утре во 10 часот.“ - пишува во соопштението на Уставен суд.

На досегашната претседателка Добрила Кацарска мандатот и истекува на 2-ри јуни. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои еден се избира за претседател со тригодишен мандат без право на повторен избор, во случајов Кацарска нема право на реизбор.

За избор на прв човек на Уставниот суд е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, односно за да биде избран наследникот на Кацарска, за него треба да гласаат најмалку шест судии. Доколку ниту еден не го добие потребното мнозинство, тогаш постапката за избор на претседател се повторува.

Вчера на прес-конференција, Кацарска даде своевиден отчет и осврт за резултатите постигнати за време на нејзиниот тригодишен мандат, за кој рече дека го завршува со чувство на исполнетост водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив.