Уставните измени повторно ги скараа Владата и опозицијата
Компромисот како двонасочна улица - Скопје и Софија да направат напори за подобрување на релациите. Ваква порака испрати, денеска, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир. Порача, за успешна имплементација на Договорот за добрососедство, мора и Македонија, но и Бугарија, да покажат продуктивност.
Дејвид Гир евроамбасадор во Македонија - Потребни се напори и преземање обврски од двете страни, во добра волја, за да се развијат овие позитивни односи. И двете страни да направат напори за имплементација на Договорот за добрососедство, за тој да се имплементира во добра волја за да имаат корист и двете страни. Она што е најважно е дека сите страни треба да направат сѐ што е можно сѐ со цел да се креира атмосфера, тие односи да бидат попродуктивни и покорисни, колку што е можно повеќе.
Но, во Бугарија се уште тече предизборна кампања, а во центарот на пикадото за политички поени, повторно стои Македонија. Во земјава, пак, продолжуваат препирките за уставни измени меѓу власта и опозицијата.
- Од ВМРО-ДПМНЕ кога разговараат со амбасадори ветуваат дека Уставот ќе биде променет во моментот кога тие ќе дојдат на власт. Бидејќи им се брза и за избори, еве нашиот предлог е веднаш да ја завршиме таа обврска, па потоа нека ценат граѓаните кој бил искрен и кој за што се залагал. - рече Бојан Маричиќ вицепремир за европски прашања.
Од опозицијата не останаа без одговор, му порачаа на Маричиќ дека овој парламентарен состав нема мандат да одлучува за уставни измени. Решението го гледаат во брзи избори.
- Маричиќ наместо да продава демагогии време е да почне да се занимава со реалната политика и вистинските проблеми на граѓаните. Едно е јасно, лагата дека власта има мнозинство за уставните измени се распрснува како меур од сапуница. Залудна им е кампањата дека оваа власт претставува некаков европски фронт, оваа власт е репрезент на криминалот и корупцијата. - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
По 17 години во чекалницата на ЕУ и две блокади од соседите, Македонија доби зелено светло за преговори со ЕУ и прва меѓувладина конференција која се оддржа на 19 јули минатата година. Сепак, за земјава, да ги продолжи преговорите со Брисел, мора да спроведе уставни измени, а Бугарите да влезат во македонскиот устав.