Уставните измени како предуслов за преговорите со ЕУ, задача и на следниот состав на Собранието
2023та – годината на зајакот, а Македонија остана само со морковот, пресликан во Првата меѓувладина конференција со ЕУ. Преговарачката рамка која земјата ја прифати е јасна - нема промена на уставот, нема преговори. Македонија го заокружи билатералниот скрининг, но уставните измени заринкаа како брод на првото возење кон европскиот пат.
А, годината носеше и надежи. Позитивни, но и предупредувачки пораки од меѓународните партнери кои пристигнаа во Скопје.
Германија изгласа и Декларација во Бундестагот, со единствена цел – активна поддршка за Македонија на патот кон ЕУ и признавање на македонскиот јазик, народ и клултура.
Реагираше Бугарија. Румен Радев испрати писмо до европските лидери како одговор на германската декларација, а во него се најдоа и поплаки за интервју на Османи за тв 24, дека лобира за нацрт -текстот на извештајот за Македонија во Европарламентот, каде бугарските европратеници доставија стотици амандмани.
Острата реторика, од теренот на ЕУ, се префрли и во Совет на Европа.
И додека Скопје и Софија мереа мускули, Османи ја нацрта преговарачката рамка на табла.
Во време на внатрешни превирања и меѓусебни обвинувања на македонските партии, ЕУ реши да се реформира. На маса стави француско-германски предлог и нов план за раст за Западен Балкан.
Проширувањето на крајот на годината се вивна на европската сцена, а Украина и Молдавија добија преговори. Македонија пак остана да чека, на првиот чекор кон ЕУ, затоа што не го промени уставот.
Блесокот на македонската дипломатија годинава, беше министерскиот состанок на ОБСЕ. Најголемиот политичко–дипломатски настан во историјата на Македонија. Во Скопје пристигнаа Блинкен и Лавров, се разменија остри пораки, а се избра и нов претседавач за 2024та
Македонија 2024та ќе ја дочека со неизвесност на патот кон европската иднина и нови сили за стратешките цели на земјата.