Уставни измени: Ковачевски на крајот на месецот кај Шолц, Мицкоски не се поместува од позициите

Уставните измени од лизгав на германски терен. Ковачевски на средба со Шолц на крајот на месецот. Високи дипломатски извори за Телевизија 24 брифираат дека во Берлин на крајот на јуни Ковачевски и Шолц на маса ќе ја стават промената на македонскиот устав и вметнувањето на Бугарите во него, како и германската поддршка, особено по резолуцијата која ја усвои Бундестагот.

Според нашите извори, во следниот период, во земјава се очекува да не мируваат ниту меѓународните дипломатски претставници, ќе се активираат во мисија на разубедување на опозицијата за брза промена на македонскиот устав и стартувањето на преговорите со ЕУ.

Но, Мицкоски, засега не попушта. На вчерашниот говор по повод 33 години ВМРО ДПМНЕ ги повика ЕУ претставниците и меѓународните партнери да дојдат во Македонија, за како што кажа, да ја разберат историјата.

- Има луѓе со кои сум се сретнал, разни дипломати, претставници на странски земји кои велат зошто не попуштите пред барањата на Бугарија. Дојдете господа во Македонија! Дојдете да видите кои се нашите борби и кои се нашите страдања. Да ја разберете нашата историја и да го чуете народот што мисли и како лелека. - изјави Мицкоски.

А СДСМ денеска повторно го повикаа ВМРО-ДПМНЕ заеднички да го сменат уставот.

- Мицкоски треба да одреди тим за да продолжат разговорите и заедно да ја донесеме одлуката за продолжување на европскиот пат. Мицкоски има избор, дали ќе одбере да не прави ништо како и досега или сепак ќе направи државнички чекор. Мицкоски е на потег. - изјави Дарко Каевски од СДСМ.

Пред два дена Мануел Сарацин, специјалниот германски претставник за Западен Балкан од Преспа форумот, во интервју за телевизија 24 порача дека е отворен за разговори со Мицкоски, дека ЕУ не е совршена и прави грешки, но грешки прават и македонските политичари.

-  Секогаш сум подготвен да се сретнам со било кого. Сакам да разговарам со лидерот на опозицијата. Понекогаш не се согласуваме, но секогаш е добро да се разговара. Нема да ја смениме преговарачката рамка. Ќе се држиме до договорот кој беше постигнат со овој компромис меѓу Макеоднија, Бугарија и меѓу 27те земји членки на ЕУ. - изјави Сарацин.

Пред два дена германскиот Бундестаг усвои Резолуција за Македонија, со која ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, ЦДУ не крена рака, а шефицата на германската дипломатија Ана Лирман, пак најави дека ќе дојде повторно во скопје да даде поддршка за промената на уставот.