Уставен суд со времена мерка го запре покачувањето за 30 отсто на вработените во финансии

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.

Портпаролката на Уставен суд, Христина Беловска рече дека донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека не се произнесе Судот конечно нема да земаат плата со 30 отсто. 

Од Министерство за финансии по однос на ваквата одлука на Уставен суд велат дека:

Нема да коментираме судски одлуки и ќе ја чекаме конечната одлука на Уставниот суд за толкување на Законот за буџети од страна на Собранието на РС Македонија.“ - велат од Министерство за финансии.

Според подносителот, со Автентичното толкување, Собранието постапило спротивно на Уставот и на Деловникот бидејќи во постапката за давање автентично толкување на член 66 став 3 од Законот за буџети ја изменило толкуваната одредба со воведување на нови елементи и како последница на тоа била изменета и дополнета законската одредба спротивно на постапката за донесување на закони.

Нема кадар во Министерството за финансии, изјави претходно министерот за финансии, Фатмир Бесими и затоа платите на вработените им биле зголемени за 30%.