Уставен суд го укина ДУП-от за повеќе парцели и атрактивни локации во центар

Уставниот суд со пет гласа „за“ го укина Деталниот урбанистички план (ДУП) на општина Центар за градска четврт Ј07 која вклучува и атрактивни парцели на Водно.

Станува збор за  локалитети Капиштец, завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курино и Цвеќара донесен во јули 2014 година.

Станува збор за урбанистичкиот план во кој опфатени се и плацевите на Водно на семејствата Камчево, како и на експремиерот во бегство Никола Груевски, за кои се водеше и судси процес. Како што појаснија од Уставен, овој ДУП бил донесен иако не било обезбедено потребното мнозинство за тоа во Советот на општина Центар. 

По оваа одлука на Уставен, општината повеќе нема да може да издава нови одобренија за градба, но како што информираше портпаролката на Уставен Христина Беловска, дозволите кои што се веќе издадени остануваат во сила. 

Постапката за овој случај пред уставните судии ја поведе жител на општина Центар. Сега веќе укинатиот детален урбанистички план во 2014 година овозможи шумата на Водно да се пренамени во градежно земјиште, поради што Водњанци во повеќе наврати јавно се жалеа на лошите решенија во ДУП-от затоа што, како што реагираа, не само што на секоја празна локација е предвидена градба, туку и поради тоа што е зголемена катноста, па со спојување парцели, куќите се претвораат во станбени згради.