Уставен: Одложено одлучувањето за правата на поранешните претседатели

Одлучувањето по иницијативата поднесена на законот за правата на претседателот на државата и неговото семејство по престанување на функцијата е одложено за следната седница, бидејќи Уставниот суд денеска не беше во полн состав.

Иницијативата е поднесена од Државната комисија за спречување корупција, која бара парламентарно и уставносудско преиспитување на оправданоста на одредени законски решенија за привилегиите на поранешните претседатели.

Антикорупциската комисија во септември минатата година побара од службата за општи и заеднички работи на владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост. Според комисијата, просториите на поранешниот претседател се избрани во нетранспарентна постапка. Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со законот.