Усогласен законот на ЕУ за „зелена“ индустрија

Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за регулативата со која се воспоставува рамка на мерки за зајакнување на европското индустриско производство на стоки со нето нула емисии на штетни гасови. 

Регулативата, позната како „Закон за нето нула индустрија“ (НЗИА), има за цел постигнување на климатските цели на ЕУ преку користење на технологии при индустриското производство што ќе ослободуваат нулто ниво на гасови кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина. 

Според министерот за економија, иновации, работа, социјална економија и земјоделство на белгискиот регион Фландрија, Џо Браунс, овој закон има за цел да ја поддржи транзицијата на европската индустрија. 

Законот има за цел да го поттикне инвестирањето во зелени технологии, со поедноставување на процедурите за добивање дозволи, поддршка на стратешки проекти, олеснет пристапот до пазарот за стратешки технолошки производи, подобрување на вештините на европската работна сила и со создавање платформа за координирање на активностите на ниво на ЕУ. 

Регулативата предвидува 40 отсто од потребите на ЕУ за стратешки технолошки производи, како соларни фотоволтаични панели, турбини на ветер, батерии и топлински пумпи, да се задоволуваат од европското производство, како и складирање на најмалку 50 милиони тони јаглерод диоксид годишно до 2030 година.