Уште еден спортски подвиг во чест на големиот јубилеј – 1.000 години Бигорски манастир
Foto

Уште еден спортски подвиг во чест на големиот јубилеј – 1.000 години Бигорски манастир

Се побројни се македонските спортисти и нивните подвизи во чест на 1000 -годишнинатата од основањето на македонското древно светилиште, Бигорскиот манастир.

Во низата до сега, се вброи и подвигот на двајцата искусни планинари и велосипедисти Јовица Апостоловски и Александар Цветковски, кои поминаа 44 километри со велосипед во еден ден и направија одличен подвиг.

-Тргнавме со добиениот благослов токму од нашиот македонски свет, сакан и почитуван божји храм, Бигорскиот манастир. Потоа се упативме кон селото Жировница од каде по земјен пат излеговме до бачилото. Продолживме во правец на запад и излеговме на сртот, од каде се упативме јужно, движејќи се по целата должина на сртот што ги спојува планините Дешат и Крчин, искачувајќи ги највисоки врвови Веливар и Голем Крчин,вели Јовица Апостоловски.

Од Голем Крчин потоа се упатиле источно кон селото Битуше, поминувајќи низ село Ростуше, административен центар на општина Маврово и Ростуше, и продолжиле во правец кон нивната финална точка „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир.

-Поминавме растојание од 44 километри и совладавме висинска разлика од 2.300 метри надморка височина за време од 10 часа и 15 минути. Се искачивме со велосипеди на највисоките врвови на планината Дешат (Веливар 2.373 м.н.в.) и на планинатата Крчин (Голем Крчин 2.341 м.н.в.). Им се заблагодаруваме на Бигорската и Раичката обител за нивниот топол пречек, дополнува Александар Цветковски.

Голема благодарност до двајцата спортисти, кои се членови на Планинарскиот клуб „Х2О“ за нивниот подвиг искажуваат и од бигорската и раичката обител.

0 Коментари

Остави коментари