Уште четири дена многу високи температури, да се избегнува директна изложеност на Сонце
Foto

Уште четири дена многу високи температури, да се избегнува директна изложеност на Сонце

Сончево и топло време со многу високи температури од портокалова фаза, што веќе неколку дена ја зафатија целата држава, ќе се задржи до 14 август. Утринските температури денеска ќе се движат од 13 до 21 степен, а дневните од 31 до 40 степени. Во Скопје температурата ќе достигне до 39 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. Се препорачува граѓаните да се заштитат од високите температури.

Утре и задутре температурата ќе изнесува 41 степен, а ќе има и високо УВ зрачење. Од Службата за Итна медицинска помош во Скопје посочуваат дека зголемен е бројот на повици, а граѓаните кои не се чувствуваат добро поради топлото време имаат кардиоваскуларни промени, главоболки, притисок, вртоглавица, малаксаност, поспаност…

Во среда температурата ќе достигне до 40 степени, а попладнето и во четврток ќе има зголемување на облачноста проследено со локален пороен дожд и грмежи, кога се очекува и намалување на температурата, најпрво во северните делови, а од петок и насекаде низ земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Министерството за здравство врз основа на заклучоците на Комисијата за следење на ефектите од високите температури согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови донесе препораки во кои се наведува да се ослободат од работните обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, што особено се однесува на градежните работници.

0 Коментари

Остави коментари