Уште 99 луѓе заразени на крузерот кај Јокохама
Foto

Уште 99 луѓе заразени на крузерот кај Јокохама

Британските болници добијат наредба да преземат нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, откако дел од експертите предупредија дека постои реална можност да заболат до 50 проценти од жителите на државата.

Здравствените власти планираат да користат 24 болници за лекување на пациенти во случај на зголемен број на заразени а детали за планирањето се појавија откако синоќа од Светската Здравствена организација ги повикаа владите да ги зголемат напорите во борбата против заболувањето.

Дел од кинеските медиуми денеска пак објавија дека претседателот Си Џинпинг знаел за епидемијата на новиот коронавирус неколку недели пред јавно да се објави проблемот. Но, и покрај предупредувањата на докторите, владата задоцнила со одговорот. Неколку официјални претставници на Комунистичката партија во провинцијата Хубеи веќе беа отпуштени поради лошото справување со епидемијата.

„Од една страна, Кинеската влада сака да покаже дека не задоцни со реакцијата во борбата против корона вирусот и дека не ги криеле фактите од јавноста. Но во очите на многумина, ова делува како стратегија да се сокрие пропустот кој го направија.“ - изјави Џосеф Ченг.

Дури кон крајот на јануари, кинеските власти објавија дека вирусот може да се пренесе од човек на човек, а потоа почна да се зголемува тревогата во општеството. Веќе на 23 јануари Вухан стана првиот град што воведе забрана за возила што го напуштаат градот. А поради корона вирусот, се одложи и годишната сесија на кинескиот парламент.

И Јапонската влада објави дека ќе ги ограничи јавните собири за да се спречи понатамошно ширење на болеста. Државата одлучи да се откаже од прославата на роденденот на јапонскиот цар Нарухито а ќе го ограничи и бројот на учесници на Токискиот маратон, кој е еден од најголемите во светот. 

„Се уште не можеме да зборуваме за глобална пандемија, но сме многу блиску до тоа, особено ако не успееме да го спречиме ширењето на вирусот. Кај некои други вакви случни вируси, најголемиот број на заболени се јавува во текот на зимата а потоа постепено бројот се намалува. Но не знаеме како ќе се одвива ситуацијата со овој вирус. Не смееме да претпоставиме дека тој наскоро ќе исчезне.“ - изјави д-р Ентони Фаучи – епидемиолог.

Јапонското Министерство за здравство денеска потврди дека кај уште 99 лица кои се наоѓаат на крузерот „Дајмонд принцес“, закотвен во близина на јапонскиот град Јокохама, е потврден новиот коронавирус. Со ова, бројот на заразени на бродот, во кој има 3.711 патници и членови на екипажот, се искачи на 454 лица.

Соединетите Американски Држави денеска продолжија со евакуацијата и останатите американски државјани кои се наоѓаат на крузерот, кој е под карантин уште од почетокот на февруари. Бројот на починати од коронавирус во Кина достигна 1.765 лица откако во провинцијата Хубеи вчера беа регистрирани 105 нови жртви. Бројот на заразени пак се искачи на повеќе од 70 илјади.

0 Коментари

Остави коментари