Урсула фон дер Лајен пред ново соочување со гласот на европарламентарците

Два различни фронта со иста цел - левицата и десницата во Европарламентот бараат недоверба за Урсула фон дер Лајен. 

Доставени се две одвоени иницијативи од пратеничките групи -  Патриоти за Европа и Левица, а главни причини за барањето а гласање недоверба се трговските договори на ЕУ со САД и земјите од МеркоСур, но и како што е наведено - неуспехот на Комисијата да реагира на прекршувањата на меѓународното и хуманитарното право во Газа.

Вториот човек на Патриоти за Европа - унгарската европратеничка Гал од партијата Фидес, порача дека нивната иницијатива ја потпишале сите 85 пратеници на групата и дека е поднесена веднаш по годишниот говор на фон дер Лаејн во Европскиот Парламент. Ја критикуваат комисијата за трговски договори, а по поднесувањето на иницијативата – унгарскиот претседател Орбан порача дека Урсула фон дер Лаејн ја води унијата кон бездна и треба да се спакува тивко да си оди дома и да им го остави Брисел на оние што се способни да создадат подобри политики.

Во меѓувреме и Левицата во Европарламентот информираше дека официјално поднеле предлог за гласање недоверба. И во иницијативата на Левицата се наведени двата трговски договори, но и како што велат – неуспехот на Брисел во Газа, односно - дека ЕУ не успеала да го суспендира Договорот меѓу ЕУ и Израел или да воведе санкции, за разлика од мерките преземени против Русија. 

Откако службите на ЕП ќе ги верификуваат потписите – барањата ќе бидат доставени до  претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која, пак  е должна да свика пленарна седница. Се очекува целата постапка и евентуалните расправи во Европарламентот да се одржат во октомври. Предлогот за недоверба се усвојува само со двотретинско мнозинство од дадените гласови. Урсула фон дер Лајен веќе преживеа гласање за недоверба во Европскиот Парламент во јули, по неуспешниот обид предложен од романскиот десничарски европратеник Пипереа.