Урсула фон дер Лајен на 15ти октомври доаѓа во Скопје
Урсула фон дер Лајен на 15ти октомври доаѓа во Скопје – Австрија и Словенија ветер во грб на македонската влада за дијалог со Бугарија.
Потребни се опипливи резултати од двете страни, го разбираме разочарувањето и инсистираме Македонија да стане дел од ЕУ до 2030та, порачаа денеска од Скопје, Клаудија Плаколм австриската сојузна министерка за Европа и Нева Грашиќ државната секретарка во МНР на Словенија. Се надеваат дека истите пораки ќе бидат пренесени од шефицата на ЕК, која следната среда ќе дојде во Скопје на тет а тет разговори со премиерот Мицкоски.
Клаудија Плаколм сојузна министерка за Европа на Австрија - Ќе поддржиме се што е потребно за да се видат опипливи резултати од преговорите, да се види исто така опипливи резултати од двете страни.
Нева Грашиќ државна секретарка во МНР на Словенија – Секој дијалог, секоја иницијатива, што ги става на масата заедно, било да е тоа промовирано од земјите-членки, или од претседателот на Советот или претседателката на Комисијата се многу добредојдени и се надевам дека ќе слушнам, вакви пораки од претседателката Фон дер Лајен која многу наскоро ќе го посети Скопје.
Помалку блокади и побрзо членство - Австрија и Словенија побараа и квалификувано мнозинство за техничките чекори во преговорите, наместо едногласноста во ЕУ . Велат дека иницијативата е поддржана од 16 земји членки на Унијата и дека по 20 години време е да се забрза процесот.
Клаудија Плаколм сојузна министерка за Европа на Австрија - Денеска имам новина од Австрија за вас. Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат. За крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност, но во меѓувреме ќе се намалат тензичните билатерални односи.
Нева Грашиќ државна секретарка во МНР на Словенија – Дополнително на гласањето со квалификувано мнозинство, заедно со Германија, Италија и Австрија, дадовме поддршка со писмо до комесарката Кос – да се поедностави овој процес. Сега тоа е на страната на ЕК. Ја дадовме нашата политичка поддршка и политичката поддршка од 16 земји членки.
А министерот Муртезани изјави дека воведувањето квалификувано мнозинство ќе реши голем дел од грижите за идна билатерализација на македонските преговори со ЕУ.
Орхан Муртезани министер за европски прашања – Го отежнува пристапувањето и остава простор за злоупотреби за билатерални интереси во процесот на пристапувањето. Промените како што се најавуваат би решиле голем дел од нашите грижи или тоа што ние сме го посочиле како извор за понатамошни билатерализации или проблеми во нашето пристапување.
Претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, минатата недела за време на Самитот во Копенхаген предложи промена на правилата во ЕУ - едногласноста да се смени со квалификувано мнозинство, но беше експресно отфрлен од оние членки кои не се подготвени да ги изгубат своите вето карти. И додека ЕУ дебатира, Мицкоски најави придвижување на зацементирана политичка линија Скопје -Софија по локалните избори.

