„Урсула, дали Европа расчисти со фашизмот“ - Со ваков транспарент демонстрантите ја пречекаа претседателката на Европската комисија

„Урсула, дали Европа расчисти со фашизмот“ - Со ваков транспарент демонстрантите ја пречекаа претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен пред Собранието, во кое таа се обрати пред пратениците. Нејзиното излагање се слушна на звучници, а демонстрантите го проследија со свиракње и извици, но и со фрлање јајца, тоалетна хартија и други предмети, поради што петмина од демонстрантите завршија во притвор. 

По завршување на говорот, пред Законодавниот дом се расчистуваа демонстрантите, кои и денеска беа со пораки - „Не за францускиот предлог“, но и „Обединети, Македонците се борат за своите правдини“. За предлогот, преку транспаренти порачаа дека е срам за Европската Унија, а на пратениците им порачаа да размислат за што дебатираат и да се спротивстават.

Протестот денеска почна на пладне, а заврши во исто време со седницата. Помеѓу демонстрантите беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според кого, власта веќе го има прифатено предогот и нема да има потреба Владата да гласа повторно, а целиот процес во Собранието го нарече фарса.

Дел од демонстрантите и вечерва ќе ја поминат во шаторите кои од пред Владата ги преместија во Собранието, а нов протест е закажан веќе за утре, во исто време со седницата на која се разгледува Информацијата за францускиот предлог.