Уривањето во Охрид дојде и до Нефи Усеини
Foto

Уривањето во Охрид дојде и до Нефи Усеини

„Ако решиле да рушат, нека рушат ама да почнат од вистинските дивоградби’’ -  ова пред една година го изјави охридскиот советник од редовите на ДУИ, Нефи Усеини. После 12 месеци бурни реакции во јавноста за прекршување на законите, Усеини вчера сам почна да ја отстранува бетонската база. Па од недопирлива локална политичка фигура за законите -  стана првиот сопственик на дивоградба кој сам пристапи кон уривање.

Усеини се жали дека недолжно трпел притисоци, а јавноста се уште е во неверување како одеднаш во Охрид профункционираа законите дури и за досега најзаштитените.

Контроверзните градби на Нефи излегоа на тапет во јавноста откако тој одлучи пред две години да си ја прошири терасата на пицеријата кај чинарот. Инспекторите молчеа, екологистите, јавноста и медиумите постојано бараа одговори за неказнивоста – УНЕСКО притискаше да се чистат дивоградбите. Усеини пак тврдеше и се уште тврди дека пицеријата од – до е легална.

Но приказната не запре кај чинарот. Советникот Усеини напоредно и со брзо темпо градеше бетонска база на само неколку метри до крајбрежјето, на земјиште кое му го отстапи Исламската верска заедница. И повторно тврдеше дека некој му дал дозвола да ја гради. Сепак после година дена базата конечно падна, а Усеини иако ја руши, стои на ставот дека Општината треба да најде соодветна локација за да ја дислоцира.

Освен за рушењето кое вчера сам го стартуваше, името на Нефи Усеини деновиве се слуша и на тајно сниманите разговори кои покажуваат дека освен блиски релации со актуелната, Усеини бил човек заштитен и од претходната власт преку матичната партија ДУИ.

На изненадување на многумина откако вчера почна да руши, Усеини тврди дека во ниту еден момент немал намера да му наштети на градот и му дава поддршка на градоначалникот да продолжи да урива, но без селективност.

0 Коментари

Остави коментари