Урбанистички кавги во Илинден
Тројцата инвеститори од Општина Илинден бараат средба со градоначалникот Александар Ѓорѓиевски на која би присуствувал и записничар, за да може да се види каде застанала целата работа, откако 11 месеци, нивниот предмет се чувал во фиока во општината.
Записникот, според инвеститорите треба да послужи како доказ пред правосудните органи, доколку нивниот проект застари, односно за два месеца не се заврши постапката во општинските служби. Сега инвеститорите прашуваат дали градоначалникот, главниот урбанист во општината, но и комисијата во Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, каде по 11 месеци е испратен нивниот предмет ќе платат отштета, бидејќи со пренамената од Владата, трајните насади на земјиштето не се обработени.
„Ние тврдиме дека на совет е помината планска програма 2018-2028 година, не само иницијатива и поради тоа го повикуваме градоначалникот да направи состанок со инвеститорите каде ќе се направи записник, како би дознале дали тој или службите ја кочи цела процедура. Ние во судска процедура би го барале нашето право затоа што не е поради нас настаната штетата, туку поради одолговлекување. А сето тоа одолговлекување, не сакаме да мислиме, но ни креира мисла дека се работи за изнуда.“ - вели Христијан Ристовски инвеститор.
Градоначалникот на Илинден, Ѓорѓиевски пак, денеска не одговори на нашите прашања. Преку СМС порака само кратко ни рече: „Веќе ви дадов изјава за истата работа“. Претходно за ТВ24 изјави дека кога бил претседател на советот, поминала само иницијатива, но според документите, тројца претседатели на советот во Илинден, меѓу кои и самиот Ѓорѓиевски имаат изгласано програма за изработка на Урбанистички планови, а во кои е впишан и бизнис планот на тројцата инвеститори.
„На состанокот со градоначалникот бараме присуство на претставници од Министерство за транспорт и врски, како и претставник од општината кои ќе ни укажат со кој законски акт може да се оспори големина на плански опфат при поминати услови за инвестирање потпишани од министер, одлука на Влада врз основа на план и три плански програми донесени од совет, како и одлука за продолжување на планска програма.“ - вели Ристовски.
Од општината пак, по 11 месеци неиспраќање на документот во Министерството за транспорт и врски, сега ја спорат големината на земјиштето, кое опфаќа 150.000 квардати и според нив, би требало да биде поделено на повеќе парцели. Инвеститорите сега прашуваат, согласно кој закон може да се ограничи големината на земјиштето за кое во претходните постапки, започнати уште во 2018 година, немало ниту една замерка.
Дека големината на земјиштето не би требало да биде проблем вели и планерот Иво Ѓорѓиевски кој го изработил планот за изградба на стопански комплекс. Вели, досега не се сретнал со таква забелешка, а сите останати забелешки биле исчистени и проектот без грешка ги поминал сите институционални филтри.