Ураганот Ијан пристигна во Јужна Каролина, Бајден прогласи вонредна состојба
Ураганот Ијан стигна до копното во близина на Џорџтаун, Јужна Каролина околу 14 часот по локално време.
Издадено е предупредување за ураган за крајбрежната област долга околу 370 километри, од границата на Јужна Каролина и Џорџија сè до Кејп Феар во Северна Каролина.Сепак, обилните врнежи од дожд и невреме ќе погодат милиони луѓе во и околу Јужна Каролина во следните 24 часа.
Претседателот Џо Бајден прогласи вонредна состојба во Јужна Каролина, откако истото го стори и за Флорида.Додека повеќе аеродроми во Флорида повторно се отвораат по ударот на ураганот, други аеродроми во југоисточниот и источниот брег се подготвуваат за пристигнувањето на ураганот.
Повеќе од 1 800 летови се откажани денеска низ целата земја. Штетите на Флорида се уште се проценуваат, а не е познат конечниот број на загинати. Ен-би-си објави дека загинале 10 лица, а Си-ен-ен дека животот го загубиле 17 лица.
Повеќе од 2,3 милиони домови и деловни објекти останаа без струја по налетот на ураганот. Бројот на загинати од ураганот Ијан во САД се искачи на 27, откако вчера попладне властите на Флорида ја потврдија смртта на неколку лица кои се удавиле, како и други жртви. Според Си-Ен-Ен, на Флорида загинале најмалку 45 лица.
Меѓу загинатите на Флорида има и 22-годишна жена, како и 71-годишен маж.
Уште три лица загинаа во Куба. Вистинскиот број на загинати во земјата се очекува значително да се зголеми откако службите за вонредни состојби ќе успеат да ги пребараат областите најтешко погодени од невремето. Струја се уште нема на повеќе места во земјата.
Откако смртоносната бура предизвика хаос во Флорида, ураганот Ијан вчера се спушти на брегот на Јужна Каролина, поплавувајќи цели населби. Над 55 илјади домаќинства во државата останаа без струја.