Управниот инспекторат влезе во Институтот за јавно здравје

Инспектори од државниот управен инспекторат вршат надзор во Институтот за јавно здравје, по анонимна пријава која стигнала до нив со тврдења дека административци незаконски и без положен испит за административни службеници биле вработувани во институцијата.

Информацијата за инспекцискиот надзор ја потврди и директорката Марија Андоновска. 

„Пред извесно време бевме контактирани од страна на Управниот инспекторат по однос на анонимна пријава која тие ја добиле во нивната институција, а се однесува на начинот на кој што се вработувале дел од администрацијата во ИЈЗ и во однос на некакви промени на кофеициенти. Ние како институција одговоривме на нивното барање т.е. им ја доставивме бараната документација по што ќе пристапат по разгледување на целата документација.“ - Марија Андоновска директорка на ИЈЗ.

Андоновска вели дека не може да соопшти повеќе информации се додека не заврши контролата и не го добие извештајот од управниот инспекторат кој ќе треба да утврди дали навистина се вработувале административци спротивно на законите. 

„Наша обврска како инситут и моја обврска е да ја проследам целата барана документација од една страна, а како второ да постапам по записникот од управниот инспекторат, важно е дека инспекторите работат.“ - Марија Андоновска директорка на ИЈЗ.

Според законските прописи секој што конкурира да се вработи во јавна администрација треба да полага државен испит.